Седум последователни земјотреси беа регистрирани утрово во Црното Море покрај брегот на Севастопол, објави градскиот гувернер Михаил Развожаев на мрежата Телеграм.
„Според оперативните податоци на Кримската сеизмичка мрежа, седум земјотреси се случија утрово во Црното Море, од кои два беа посилни и беа почувствувани во Севастопол. Едниот беше во 6:14 часот наутро (московско време) – магнитуда 3,7 (растојанието до Севастопол е околу 26 км), а другиот во 8:48 часот наутро – магнитуда 4,4 (30 км од градот)“, напиша тој, според извештаите на медиумите во Русија.
Ниту една зграда во Севастопол не беше оштетена во седум последователни земјотреси во Црното Море, од кои два беа почувствувани во градот, објави гувернерот Михаил Развожаев.
„Можноста за потреси не може да се исклучи. Ги молам сите да останат смирени. Според експертите, редовната сеизмичка активност во нашиот регион е нормална“, нагласи Развожаев, пренесува Танјуг.

