Војната со Иран создаде значителен финансиски товар за Соединетите Американски Држави (САД), а според прелиминарната анализа на Американскиот центар за стратешки и меѓународни студии (CSIS), вкупните трошоци за Пентагон достигнаа околу 40 милијарди долари, објавува денес CNN.
Цената на муницијата, уништената воена опрема и штетата на воените бази се вклучени во проценката, додека оперативните трошоци што веќе беа планирани во рамките на буџетот за одбрана за фискалната 2026 година, кој надминува еден трилион долари, не се вклучени.
Покрај Министерството за одбрана, други федерални институции, вклучувајќи го Министерството за внатрешна безбедност и Министерството за ветерански работи, имаа дополнителни трошоци во вкупен износ од околу 1 милијарда долари.
Според анализата, последиците од конфликтот ги почувствуваа и американските потрошувачи, првенствено преку зголемувањето на цените на горивата, каде што просечната цена на галон бензин во поголемиот дел од периодот се искачи од под три на повеќе од четири долари.
Податоците од Универзитетот Браун покажуваат дека просечното американско домаќинство потрошило повеќе од 253 долари повеќе отколку во сценарио без конфликт.
Аналитичката компанија „Кплер“ проценува дека глобалниот пазар на нафта останал без околу 1,15 милијарди барели за време на конфликтот, што придонело за прекини во снабдувањето со енергија и зголемување на инфлацијата.
Најновите економски индикатори покажуваат дека годишната инфлација во САД надминала 4 проценти, за прв пат во последните три години, додека цените растеле побрзо од просечните плати, што дополнително ја намалило реалната куповна моќ на домаќинствата.
Аналитичарите предупредуваат дека целосните економски ефекти од конфликтот би можеле да траат неколку месеци, особено ако цените на енергијата останат високи.

