Хаос во Еквадор, вооружени напаѓачи упаднаа во ТВ станица (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Еквадорската полиција соопшти дека ги евакуирала вработените од зградата на ТВ ТЦ во градот Гвајакил, откако вооружени лица со качулки упаднале во телевизиската станица.

Loading...

На ТВ пренос во живо од просториите на таа еквадорска телевизија, беа прикажани вооружени маскирани напаѓачи како ги принудуваат вработените да легнат на подот, додека во позадина се слушаат истрели и викање.

Еквадорската полиција соопшти и дека уапсила неколку лица откако вооружена група напаѓачи упаднала во зградата на телевизијата.

„Како резултат на интервенцијата, нашите полициски единици досега успеаја да уапсат неколку субјекти“, се вели во соопштението и се додава дека се собрани докази кои ги поврзуваат со делото.

Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа потпиша извршен декрет со кој се прогласува дека земјата е во внатрешен вооружен конфликт.

Тој изјави дека назначил голем број организирани криминални групи како терористички организации, додавајќи дека им наредил на вооружените сили да спроведат воени операции за неутрализирање на овие групи.

Нобоа го потпиша указот по денешниот упад на вооружена група напаѓачи во зградата на телевизијата ТЦ во градот Гвајакил.

Инцидентот се случи еден ден откако Нобоа прогласи вонредна состојба по бегството од затвор на водачот на озлогласената криминална група, пренесува Ројтерс.

Loading...

Откако беше прогласена вонредна состојба, беа киднапирани најмалку седум полицајци, а низ Еквадор се случија серија експлозии.

Водачот на озлогласената криминална група Адолфо Масиас Виљамар, познат како Фито (44), кој меѓу другото е осомничен за убиство на претседателски кандидат во Еквадор, исчезна од затвор, по што властите прогласија двомесечна вонредна состојба.

Фито издржувал 12-годишна затворска казна, но чуварите забележале дека тој не е во ќелијата во неделата на 7 јануари.

Оттогаш трае потрагата по водачот на моќната мафијашка група Лос Чонерос, кој побегнал од ќелија во дел од затворот во Гвајакил кој би бил под специјален надзор, објави претходно Би-Би-Си.