Грчките служби за цивилна заштита се во зголемена готовност поради многу високиот ризик од појава и ширење на шумски пожари во неколку делови од земјата, објави Генералниот секретаријат за цивилна заштита при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита.
Според картата за проценка на ризикот од пожар во Грција за денес, во неколку региони е прогласен многу висок ризик, односно четврто ниво на опасност, што значи дека временските услови фаворизираат брзо појавување и ширење на пожари, објави ЕРТ.
Највисок степен на опасност е прогласен на островите Хиос, Лезбос, Самос и Икарија, во областа Додеканези, како и во регионалните единици Ласити и Хераклион на Крит.
Висок ризик од пожар, или трет степен на опасност, е на сила денес во Атика и во неколку други делови од островот и копнена Грција.
Цивилната заштита ги повика граѓаните и посетителите да бидат особено внимателни и да избегнуваат активности што можат да предизвикаат пожари од небрежност, вклучително и палење сува вегетација и растителен отпад, користење алатки што произведуваат искри, заварување, користење надворешни скари и фрлање отпушоци од цигари.

