Голем мултимедијален фестивал викендов ќе се одржи во Кокино како дел од програмата за одбележување на 30 години независност на Македонија.
Фестивалот ќе започне на 10ти септември и ќе трае три дена
– На 10, 11 и 12 септември во магичното природно опкружување кај мегалитската опсерваторија Кокино учествуваат 100-тина уметници и автори во несекојдневен спој на различните уметнички правци од македонското творештво, велат организаторите.
Повеќе од 20 концерти и перформанси, театар, кино, еко-работилници, занаетчиство, изложби, организирани тури на опсерваторијата ќе бидат дел од фестивалот.
На првата вечер во петок која започнува од 17 часот ќе настапат: СуперХикс, Перија, Гиш, 21 век, Сватовски Бенд, Диџеј Чарли, Тока Шитет, а стенд ап ќе имаат дуото Атанас и Тино.
Вториот фестивалски ден започнува во сабота од 12 часот и ќе настапат: Љубојна, Сетштат, Летечки Пекинезери, Чалгиа саунд систем, Џенгиз Ибраим и диџеј Горан Кан.
Последниот фестивалски ден ќе се одржи в недела со почеток точно напладне, а ќе настапат, Драган и Ратко Даутовски, Тони Китановски, Фулиш Грин, Џон Иди, диџеј Флодер, АВП проџект и Деј Оф.
Влезот за посетители е бесплатен, но поради специфичноста на локацијата се работи за настан со строго ограничен капацитет и регулиран пристап на возила со пропусници, кои претходните изданија беа распродадени во рекорден рок.
Веќе се пуштени во продажба дневни билети за организираниот автобуски превоз од Скопје и од Куманово и авто-пропусници за автомобилите. Овие билети чинат 50 денари и се достапни онлајн на: mktickets.mk.
Никола Ивановски