Глобалниот долг достигна рекордни 312.000 милијарди долари на крајот на вториот квартал од 2024 година, пред се поради растот на задолжувањето во САД и Кина, покажуваат податоците на Институтот за меѓународни финансии (IIF).
Освен Кина и САД, долгот го зголемија и Индија, Русија и Шведска, а значително намалување забележаа другите европски земји и Јапонија.
Светскиот долг се зголеми за 2.100 милијарди долари во првата половина од годината и постои можност ситуацијата дополнително да се влоши поради намалувањето на каматните стапки, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
Зголемувањето на задолжувањето во голема мера е последица на енергетската транзиција и преминот кон обновливи извори на енергија, според ИИФ.
Сооднос на долг кон БДП
Глобалниот однос на долгот и БДП – показател за способноста за отплата на долгот во споредба со произведеното – се стабилизира помеѓу 327 и 328 проценти, се вели во извештајот.
На пазарите во развој, односот на долгот и БДП достигна ново највисоко ниво од 245 проценти.
Авторите на извештајот наведуваат дека се загрижени поради очигледниот недостаток на политичка волја за решавање на проблемот со долгот – како во напредните економии, така и на пазарите во развој.