Со свечена програма, изложба и низа активности, СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ денеска го одбележува патрониот празник и големиот јубилеј – 80 години постоење.

Јубилејот е заокружување на една богата образовна традиција која започнала во 1945 година, кога гимназијата официјално ја започнала наставата, како една од првите средношколски институции во повоено Куманово.

Архивските податоци покажуваат дека наставата стартувала на 1 февруари 1945 година, а во првата учебна година биле запишани 337 ученици, со што се поставиле темелите на институцијата која низ децениите израснала во еден од најзначајните образовни столбови во градот .

Директорката на училиштето, Марија Тодоровска, истакна дека чествувањето на јубилејот трае во текот на целата учебна година преку повеќе настани и проекти.
„Денеска е многу значаен ден за нашето училиште, одбележување на патрониот празник на којшто ја одбележуваме и 80-годишнината и 80 генерации успешни завршени во оваа училиште. Од почеток од први септември веќе ја одбележуваме оваа значајна за нас манифестација со многу реализирани проекти коишто се во чест на овој јубилеј“, изјави Тодоровска.
Во рамки на јубилејната година, училиштето одбележала и 25 години од постоењето на билингвалната француска паралелка, како и организираше велигденски концерт во црквата „Свети Никола“, а денешната програма е завршница на одбележувањето.

Таа потенцираше дека посебна вредност на одбележувањето е вклучувањето на поранешни ученици, денес афирмирани уметници, музичари и актери.
„Многу посебно ми е драго што во учеството на одбележување на овој патронен празник зедоа учество наши поранешни ученици, ликовни уметници, музичари и актери, коишто понатаму на делот на приредбата ќе бидат дел од целиот тој свечен јубилеј“, додаде таа.

Во изминатите осум децении, СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ прерасна во едно од најзначајните средни училишта во Куманово и пошироко, со богата историја која сведочи за развојот на образованието во градот.

Историјата на гимназијата започнува во сложени повоени услови, кога наставата во првото полугодие од учебната 1944/1945 година воопшто не била реализирана.

Со одлука на Президиумот на АСНОМ и Поверенството за народна просвета, на 1 декември 1944 година за прв директор бил назначен Благој Георгиевски, а само неколку недели подоцна било најавено официјалното започнување на наставата од 1 февруари 1945 година.

Првите часови се одржувале во просториите на тогашната Основна школа „Климент Охридски“, во објектите каде денес се сместени основните училишта ООУ „Крсте Мисирков“ и ООУ „Браќа Миладиновци“.
Во таа прва учебна година гимназијата броела 337 ученици, а наставата се одвивала во исклучително тешки услови, со недостиг на учебници и наставни помагала, па дел од литературата се користела и на други јазици.

Веќе во учебната 1945/1946 година, работата била значително поорганизирана, а бројот на ученици речиси двојно се зголемил – на 618.
Паралелно со редовната настава, се организирале и дополнителни часови за надоместување на пропуштената програма, додека учениците активно учествувале и во младински работни акции, меѓу кои и изградбата на железничките пруги Брчко-Бановиќи и Шамац-Сараево.

Потребата од сопствен училиштен објект се наметнала многу брзо, па уште во 1946 година започнале подготовките за изградба на нова гимназиска зграда во центарот на Куманово.
Во копањето на темелите во 1947 година учествувале и самите ученици, а наставата во новиот објект за првпат започнала во учебната 1948/1949 година.

Во текот на децениите, училиштето постојано се развивало и се прилагодувало на образовните реформи.
Во 1960-тите во негов состав функционирале и педагошки паралелки, додека подоцна од него произлегле и други образовни институции, како Учителската школа и Економското училиште, што дополнително го потврдува неговото значење во развојот на средното образование во Куманово.

Низ годините, од клупите на гимназијата излегле илјадници ученици, меѓу кои професори, лекари, уметници, инженери, актери и јавни личности, што ја прави оваа институција препознатлив симбол на образованието и интелектуалниот развој на градот.
Денес, по осум децении постоење, гимназијата продолжува да ја гради својата мисија, поврзувајќи ја традицијата со современото образование.


















Никола Ивановски

