Генералниот секретар на СЗО, Тедрос Гебрејесус, изјави дека не им испраќа пари на своите „прегладнети“ роднини во етиопскиот регион Тигре, кој е погоден од војна.
„Имам многу роднини таму. Сакам да им испратам пари, но не можам“, рече тој на прес-конференција, а пренесе Би-би-си. „Не знам ни кој е мртов, а кој е жив“.
Од почетокот на конфликтот во 2020 година, тој регион е отсечен од остатокот од светот, без телефон или интернет конекција.
Етиопската влада е обвинета за воведување блокада на хуманитарната помош што ги спречува клучните пратки. Власта се брани дека причина за ова се борбите.
„Можеби причината е бојата на кожата на жителите на Тигре“
Неколку десетици илјади цивили загинаа, а на милиони им е потребна помош во храна.
Светската програма за храна објави дека на речиси половина од вкупно 5,5 милиони жители на Тигра им е потребна таква помош.
Не е првпат Тедрос, поранешниот министер за здравство на Етиопија, да зборува за војната во својата татковина.
Во средата, тој рече дека ситуацијата таму е полоша отколку во Украина и посочи дека расизмот стои зад разликата во пристапот кон двете кризи.
„Можеби причината е бојата на кожата на жителите на Тигре“, нагласи тогаш тој.
Борбите во Тигра продолжија оваа недела по неколкумесечното хуманитарно примирје договорено во март меѓу силите Тигра и етиопската влада на премиерот Абија Ахмед, добитник на Нобеловата награда за мир за неговите односи со Еритреја.
Воздушен напад на градинка
Силите Тигра денеска објавија дека владата извршила воздушни напади врз Мекеле, главниот град на регионот.
Агенцијата dpa јави дека неколку цивили, меѓу кои и деца, загинале во воздушен напад врз градинка во тој град. Не е познат бројот на загинати и ранети.
Конфликтот во Тигра, најсеверниот регион на Етиопија, започна во ноември 2020 година, а подоцна се прошири во регионите Амхара и Афар.