Новинарите и медиумски работници од Куманово, членови на Здружението на новинари на Македонија, вчера едногласно за нов координатор на регионалната канцеларија ја избраа Фросина Лазаревска, дипл. археолог и поранешен дописник на ТВ Телма за Североисточниот регион.
Лазаревска во својата професионална кариера како дописник на ТВ Телма бележи 13 години известувачка работа од Куманово, Кратово и Крива Паланка, и тоа што сега не е работи во медиуми, не е пречка, Лазаревска да не работи на планот на враќање на достоинството на професијата новинар, вели таа.
Досегашниот координатор со двократен мандат, Сузана Николиќ, се заблагодари на членовите на ЗНМ од Куманово за успешната соработка со своите колеги, и фактот што Регионалната канцеларија успеа да одржи ниво на професионалност, и да има своја канцеларија од каде дописниците за медиумските куќи во Македонија испраќаат свои натписи и новинарски текстови.
На состанокот на Регионалната канцеларија на ЗНМ во Куманово присуствуваше и новинарот Томислав Кежаровски, кој од позиција на потпретседател на здружението, најпрвин се заблагодари за целокупната поддршка на колегите за време на неговата битка при притворањето и деновите поминати во затвор, со ветување дека наскоро ќе оствари нова средба со сите новинари засебно, за да добие слика за позицијата на локалните новинари, дописници и медиумски работници и остварување на нивните права согласно Колективниот договор за работничките права.