Ерменија: Азербејџан сака тотална војна

Сподели со своите пријатели

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан денеска го обвини Азербејџан дека сака „тотална војна“ со Ерменија, два дена по новите судири на границата меѓу двете кавкаски земји.

Loading...

„Нашите анализи покажуваат дека Азербејџан сака да започне воени операции во некои области долж границата со изгледи за воена ескалација што би се претворила во тотална војна против Ерменија“, рече Пашинјан на состанокот на владата.

Ерменија и Азербејџан завчера се обвинија меѓусебно дека пукале на границата меѓу двете земји, во близина на Неркин Ханд на југоистокот на Ерменија.

Според Ереван, во инцидентот загинале четворица ерменски војници.

Територијални претензии

„Азербејџан спроведува политика „дајте ми сè што сакам преку преговори или ќе земам сè со воени средства“, рече Пашинјан, обвинувајќи го Баку дека не сака безбедност и стабилност во регионот.

Ереван се сомнева дека Азербејџан има нови територијални претензии откако минатиот септември, по три децении, го освои Нагорно Карабах, за кој се водеа две големи војни.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев вчера повтори дека неговата земја не планира експанзија.

„Ние немаме територијални претензии кон Ерменија. И тие мора да се откажат од своите претензии. Уцената ќе ги чини скапо“, рече тој.

Loading...

„Нема да има мировен договор додека Ерменија не се откаже од своите претензии кон Азербејџан“, додаде тој.

Ереван тврди дека Азербејџан сака контрола врз ерменскиот регион Сјуник за да ја поврзе азербејџанската енклава Нахичеван со остатокот од Азербејџан.