Во Мариупол избувна епидемија на колера и дизентерија, вели градоначалникот Вадим Бојченко и предупредува дека илјадници луѓе би можеле да заболат од колера и други смртоносни болести додека нивните тела се на улица, а летото носи потопло време.
Бојченко тврди дека бунарите биле загадени со телата на загинатите за време на неколкунеделното руско бомбардирање и опсада и дека руските сили полека ги собираат телата.
– Има епидемија на дизентерија и колера – рече Бојченко и наведе дека оценката на украинските лекари е дека со избивањето на инфекцијата ќе умрат уште илјадници граѓани на Мариупол.
Тој ги повика Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст да формираат хуманитарен коридор кој ќе им помогне на граѓаните да го напуштат градот.