Квалитетот на воздухот во Њу Делхи, град со околу 20 милиони жители, ја премина категоријата „екстремно опасен“, со индекс од 768 регистриран во областа Јахангирпури во текот на денот.
Тој индекс е 15 пати повисок од нивото кое се смета за „добро“, пренесе Ројтерс.
На веб-страницата „Air quality index“ (aqicn.org) се наведува дека во Јахангипура вечерва во 23 часот по локално време е забележан индекс од 947.
Жителите на Делхи беа огорчени откако владата забрани употреба на пиротехнички средства за време на фестивалот на светлата Дивали.
Навистина, владата на Делхи минатата недела се закани дека секој што ќе фрли петарди за време на празникот ќе се соочи со затворска казна до шест месеци бидејќи забраната беше воведена за да помогне во борбата против екстремното зимско загадување.
Некои Индијци, особено приврзаниците на премиерот Нарендра Моди и неговата партија БЈП, која е опозиција во Делхи, велат дека забраната е всушност обид на локалната власт да го прикрие фактот дека не успеала успешно да дејствува против загадувањето на воздухот.