Канал со кој се снабдуваат со вода две термоелектрани кои произведуваат речиси цела електрична енергија во Косово е оштетен во експлозијата која косовскиот премиер Албин Курти ја прогласи за терористички чин на Србија.
Засега нема информации за повредени и причина за експлозијата во Зубин Поток на северот на Косово, која влијаеше и на снабдувањето со вода за пиење.
Српските власти се уште не го коментираат овој настан, а Ројтерс пишува дека нема докази за вмешаност на Белград.
„Ова е криминален и терористички чин кој има за цел да ја уништи нашата клучна инфраструктура“, рече Курти во телевизиско обраќање.
Тој најави дека дел од државата може да остане без струја доколку до утро не се реши проблемот.
Како уште еден показател за растечките етнички тензии меѓу двете земји од Западен Балкан, Курти тргна по стапките на претседателката Вјоса Османи и ги обвини криминалните групи од Србија, без да наведува докази, пишува Ројтерс.
Напад со гранати на полициска станица
Претходно во петокот, косовската полиција најави зголемени безбедносни мерки по двата неодамнешни напади со гранати врз полициска станица и зграда на општината на северот на Косово, каде што живее и српско население. Не е познато дали инцидентите се поврзани.
Локалните медиуми објавија фотографии од уништениот канал и излевањето на водата, со големо полициско присуство.
Фарук Мујка, раководител на локалниот водовод во Ибар-Лепенци, за порталот Калксо изјави дека во каналот била фрлена експлозивна направа.
За да се реши проблемот, снабдувањето со вода за пиење ќе треба да се прекине што е можно поскоро, вклучително и за главниот град Приштина, рече тој.
Каналот ја снабдува со вода косовската енергетска компанија КЕК, главниот производител на електрична енергија во земјата.
Амбасадорот на САД во Косово најави дека САД „остро го осудуваат“ тој напад.
„Внимателно ја следиме ситуацијата, ќе поддржиме опсежна истрага и ја понудивме нашата целосна поддршка на косовската влада за да се осигура дека одговорните за овој криминален чин ќе бидат идентификувани и изведени пред лицето на правдата“, напиша Џеф Ховениер на платформата X.