Експлозијата е причина за излетувањето на возот од шините на Крим, изјави денеска претседателот на Кримскиот парламент Владимир Константинов.
Тој за ТВ Русија 24 изјави дека експлозијата се случила поради интервенција на неовластени лица и дека истрагата е во тек, пренесува РИА Новости.
Осум вагони со жито излетаа од шините во регионот на Симферопол, а до вечерва е предвидено да биде обновен железничкиот сообраќај меѓу Симферопол и Севастопол. Во инцидентот нема повредени.
Жителите за РИА Новости изјавија дека имало експлозија пред да излета возот од шините.
„Утрово јасно се слушна звук сличен на експлозија, дури и ни се тресеа прозорците. Подоцна се појави информација дека возот излетал од шините недалеку од нашето село“, изјави жител на селото Чистенкоје во областа Симферопол.