Станува збор за актуелен фацијален т.н. „вампир“ третман, кој го промовираат многу ѕвезди. Третманот се одвива така што од пациентот се зема одредена доза на крв.
Таа крв се става во центрифугална машина која ја извлекува крвната плазна и тромбоцитите, кои потоа со инекција се вбризгуваат во кожата на лицето.
На „вампирските“ третмани (анг. Vampire facial) популарноста им се зголеми откако Ким Кардашијан во 2013 година на својот Инстаграм профил објави дека штотуку била на еден таков, наведува австралискиот портал „News“.
Козметичарите велат дека крвта богата со тромбоцити е погодна за „пеглање“ на брчките поради висок удел на протеини. Тврдат и дека има високо ниво на колаген кој помага кожата да биде цврста, со што се добива младешки изглед.
Меѓутоа, козметичкиот зафат во „луксузен спа центар“ во Албукерки, за двајца клиенти имал застрашувачки последици.
Две жени при третманот биле заразени со ХИВ, а властите во Ново Мексико велат дека постои можност да се заразиле преку иглите кои биле користени при третманот.
Тие се заразени во период од мај до септември минатата година, поради што постои сериозна загриженост дека не се единствените заразени со овој потенцијално смртоносен вирус.
Кејти Канкел, портпаролка на Здравствената служба на Ново Мексико, вели дека клиниката е под истрага.
– Повеќе од сто пациенти веќе биле тестирани. Службата направила се за да обезбеди тестирање и советување за поединци кои минале ваков третман во клиниката. Тестирањето е важно за сите, затоа што постои ефективен третман за лекување на ХИВ и многу инфекции, пренесува „News“.
Спа центарот минатиот септември бил затворен поради загриженост во врска со начинот на кој се одржуваат иглите, но и поради тоа што не било познати дали воопшто имаат лиценца за „вампирска“ процедура.