Две семејства се скарале за бунар: Најмалку 42 лица загинаа во Чад

Сподели со своите пријатели

Најмалку 42 лица загинаа во конфликтот меѓу локалните заедници во источниот дел на Чад, соопштија официјални лица, а пренесува агенцијата АФП.

Насилството избило во саботата во регионот Вади Фира, по расправија за бунар меѓу две семејства.

„Конфликтот избувна поради расправија за бунар меѓу две семејства кои живеат во областа. Најмалку 42 лица загинаа“, рече владиниот претставник во потпрефектурата Гереда, Брахим Иса Галмаје.

Според првите информации повеќе од десет лица се повредени и тие се пренесени во локалните болници.

На местото на настанот се испратени министри, високи локални функционери и началникот на Генералштабот, додека надлежните тврдат дека ситуацијата во моментов е под контрола.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Бугарка пренела 45.000 евра преку граница, ги спакувала во јакна и ги оставила до контејнер. По 9 дена сфатила дека е измамена!

„Ситуацијата е и останува под контрола“, рече вицепремиерот задолжен за територијална администрација и децентрализација, Лимане Махамат, во телевизиско обраќање.

Источниот дел на Чад со години е погоден од конфликти меѓу заедниците, најчесто меѓу домородните фармери и номадските сточари, кои се борат за пристап до земја, вода и добиток.

Регионот е дополнително дестабилизиран поради неговата близина до Судан разурнат од војна.

Според податоците на невладината организација International Crisis Group, конфликтите меѓу земјоделците и сточарите во периодот од 2021 до 2024 година однеле повеќе од 1.000 животи, а околу 2.000 луѓе биле повредени.

Сличен инцидент се случи лани во ноември во регионот Хаџер-Ламис во централен Чад, кога најмалку 33 лица загинаа во судирите за пристап до бунар.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Тајван се подготвува за тајфунот Чампи, ветровите би можеле да достигнат брзина од 150 километри на час

Безбедносната ситуација дополнително се комплицира со приливот на бегалци од Судан, каде што избувна граѓанската војна во април 2023 година.

Речиси еден милион луѓе од вкупно 12 милиони раселени во Судан се засолниле во соседен Чад.