Во ударот на руска наведувана бомба во селото Јампиљ во регионот Суми во Украина, две лица загинаа, а шест други се повредени, меѓу кои и едно дете, соопштија локалните власти.
Во нападот се оштетени куќи, цивилна инфраструктура и прекинато е снабдувањето со електрична енергија, објави регионалната воена администрација на Телеграм, пренесува Ројтерс.
Претходно, украинските воздухопловни сили објавија дека собориле 24 од 26 дронови лансирани од Русија во текот на ноќта во четири украински региони.
Според гувернерот на Одеса, Олех Кипер, едно лице е повредено, а 20 куќи и четири гаражи се оштетени во падот на делови од дронови во јужниот регион Одеса.
Остатоци од беспилотни летала во јужниот регион Миколаев предизвикаа пожар во компанија за храна, кој набрзо беше изгаснат, изјави регионалниот гувернер Виталиј Ким.
Гувернерот на западниот регион Ивано-Франковск, Светлана Онишчук, рече дека властите се справуваат со последиците од нападот во областа без да даде дополнителни детали.
Министерството за енергетика на Украина соопшти дека во текот на изминатиот ден Русија нападнала енергетска инфраструктура во шест региони и ја оштетила индустриската инфраструктура во регионот Ивано-Франковск.
Гувернерот на централниот регион Хмелницки изјави дека по нападот нема штета.