Државна лотарија, согласно Законот за игри на среќа, претставува единствено трговско друштво за приредување на игрите на среќа во коешто Република Северна Македонија е основач или акционер со 51 % од основната главнина.
Само Државна лотарија може да ги приредува електронските и интернет игрите на среќа, самостојно или заедно со други приредувачи, и таа надлежност произлегува од одредбите на член 7, став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри.
За реализација на погоренаведените законски одредби, од страна на Државна лотарија и Владата на Република Северна Македонија, донесена е Одлука за започнување постапка за основање трговски друштва за организирање интернет игри на среќа.
Одлуката се темели на закон и на претходно изработена физибилити студија за истото.
Одлуката е во правец на поддршка на одговорното и контролирано приредување на интернет игрите на среќа од страна на државата.
Во однос на контролираното приредување на интернет игрите на среќа, во новоформираните друштва доминантно учество во капиталот и управувањето ќе има Државна лотарија, како гарант за почитување на сите принципи за одговорно и контролирано приредување игри на среќа.
Реализацијата на овие принципи се одвива на начин што се штитат учесниците во игрите на среќа од можност за прекумерно учество и потенцијално развивање зависност од овој вид игри на среќа.
Притоа особено се води посебна грижа за ранливите категории лица (граѓани и семејства кои веќе се соочиле со проблемот на зависност од коцкање), и се преземаат мерки и активности за целосна забрана за можност за учество во овој вид игри на среќа од страна на малолетни лица.
Исто така, мнозинското учество на Државна лотарија во капиталот и во управувањето во друштвата за приредување интернет игри на среќа значи сигурност дека во континуитет ќе се преземаат мерки за уште поголема поддршка на медиумите, културата, спортот, општините и буџетот на државата.
Истовремено, се регулира онлајн просторот и даноците се слеваат директно во Буџетот на Република Северна Македонија, наспроти неконтролираното играње на странски платформи без каков било придонес во буџетот, а и одлевање на средствата во странство.
Се овозможува фер и конкурентен натпревар, на повеќе оператори, во коишто државата е доминантен сопственик и гарантира дека сите средства се слеваат во буџетот.
Работењето на Државна лотарија минатата година беше потврдено и со сертификат од страна на Асоцијацијата на Европски Лотарии за одговорно приредување игри на среќа.
Забраната за малолетни лица може да се реализира и да се сноси одговорност само преку домашни платформи, наместо нерегулираниот, неконтролиран и хаотичен актуелен онлајн простор окупиран од странски платформни.
Истовремено, добиените приходи од приредувањето интернет игри на среќа ќе значи директно зголемување на средствата во Буџетот на Република Северна Македонија, а индиректно, граѓаните ќе имаат можност во интернет игрите на среќа да учествуваат преку домашни платформи, што од една страна подразбира сигурна исплата на добивки, а од друга страна ќе значи сузбивање на нелегални странски и домашни приредувачи на полето на интренет игрите на среќа.