Улицата „Моша Пијаде“ во Куманово се очекува целосно да биде завршена до октомври, најави градоначалникот Максим Димитриевски, посочувајќи дека станува збор за сложен и обемен инфраструктурен зафат.
– Што се однесува до улицата „Моша Пијаде“, тоа е еден многу, многу посериозен опфат. Паралелно се работи на истата улица за изградба на нова фекална канализација, дополнително спуштање на сите кабли на сите кабловски оператори под земја и комплетно нова инсталација на ЕВН“, изјави Димитриевски.
Според него, околу половина од трасата веќе е завршена, а во следниот период ќе продолжат активностите на преостанатиот дел.
– Некаде 50 отсто од трасата е веќе завршена, но во следниот период ќе следува завршување на тие 50 проценти, на асфалтната подлога, рече градоначалникот.
Димитриевски информираше и дека е завршена тендерската постапка за избор на оператор за изградба на улицата „100“, која, како што вели, е меѓу најскапите сообраќајници во градот.
– Заврши и тендерската постапка, извршен е избор на оператор за изградба на фамозната улица „100“, која, морам да кажам, е една од најскапите улици во градот“, посочи Димитриевски.
Тој објасни дека високата вредност на зафатот во голема мера е поврзана и со претходните градежни активности на локацијата, особено со изградбата на потпорниот ѕид.
– Претходно во неколку наврати се работеше на изградба на потпорен ѕид, кој чини некаде околу 300.000 евра, и тоа дополнително ги отежна целокупните градежни активности, изјави Димитриевски.
Сепак, градоначалникот уверува дека реализацијата се одвива според предвидената динамика и очекува улицата да биде готова наесен.
– Како и да е, оди сè според план и динамика и јас очекувам дека улицата „Моша Пијаде“ до некаде октомври месец ќе биде комплетно завршена, најави Димитриевски.
Никола Ивановски

