Кандидатите за пратеници на престојните парламентарни избори и претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски вчера имаа средби со граѓаните во неготинско-кавадречкиот регион и Прилеп, а денеска ќе се сретнат со граѓаните на Крушево, Кичево, Струга. Претседателот на Движењето, Максим Димитриевски, во изјавата за Македонската радио телевизија рече дека дефинитивно народот во првиот круг избра и со тоа формираше трета опција во државата, а тоа дефинитивно е Движење ЗНАМ – За наша Македонија.
„Заедно со нашите канадидати за пратеници поминуваме низ сите изборни единици. Нудиме нешто ново. Луѓе со интегритет, квалитетни луѓе, од кои секој има свој авторитет во средината кадешто пораснал, израснал. Сметам дека е време во Македонија да се избере нешто ново, поразлично од досега од класичното клише, едни исти луѓе во континуитет да ги гледаме во парламентот. Дел од другите листи, се листи за аболиција, помилување и добивање на имунитет“, рече Димитриевски.
Тој додаде дека нивните листи се креативни листи со коишто во паламентот ќе влезат нови идеи и нови размислувања.
„Јас знам дека повеќе никогаш во Македонија, како што реков и претходно, нема да биде исто. Затоа што ЗНАМ ќе биде тука, секогаш со граѓаните да биде корективот и на власта, а и на опозицијата. Ние нема да бркаме по секоја цена власт, туку едноставно имаме намера да ја смениме сликата којашто во континуитет ја гледаме, а тоа е една монета од двете страни подеднакво иста и сакаме ЗНАМ да биде тука позиционирана заедно со граѓаните. Очекуваме голема поддршка за нашите кандидатски листи под реден број седум. И апелирам до граѓаните да ја поддржат нашата реално остварлива програма“.
Во однос на можните постизборни коалиции Димитриевски нагласи:
„Како што реков, нема простор за идна коалиција со ДУИ, бидејќи гледаме голема одговорност во таа политичка партија којашто е повеќе од дваесет годинни на власт, ниту пак можност за коалицирање со ова актуелно раководство на СДСМ. Ја користам овваа прилика, бидејќи знам дека во таа партија има голем број на чесни членови, да се приклучат на ЗНАМ, бидејќи ЗНАМ е опцијата којашто државата ќе ја придвижи напред и ќе излезе од старите стереотипи“.