Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска ги пречека прваците на Македонија во футсал.
Станува збор за фудбалерите на ФК „Фоцрца“ од Куманово кои викендов официјално го кренаа пехарот и за прв пат во историјата на кумановскиот спорт станаа футсал шампиони.
– Денес во мојот кабинет имав особена чест да бидам домаќин на футсал шампионите на Македонија – кумановскиот футсал клуб „Форца”. Клубот е вистински репрезент на мултикултурноста на Куманово и покажува дека само со квалитет, меѓусебната почит и заедништвото ќе чекориме напред со силни и стабилни чекори. Продолжете така млади и успешни луѓе, иднината на Македонија е во здравите генерации, им порача градоначалникот.
Инаку клубот, кој е составен од мешан состав на играчи од македонска и албанска националност, лани дебитираше во футсал шампионатот на Македонија, а веќе годинава го крена и пехарот.
Никола Ивановски