Институтот за јавно здравје со препораки за заштита од високите температури

Сподели со своите пријатели

Поради високите температури што ја зафатија Македонија, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлото време со цел да се намали ризикот од здравствени последици.

Од Институтот препорачуваат да се избегнува директно изложување на сонце и престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, кога температурите се највисоки.

Доколку престојот надвор е неопходен, се советува почесто одморање под сенка и избегнување директна изложеност на сончевите зраци.

Граѓаните треба да носат лесна и светла облека, како и заштитни очила и светлобојна капа со широк обод при движење на сонце.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Од полноќ нови цени на горивата

Исто така, препораката е да се престојува во затворени и климатизирани простории, а преку ден да се држат затворени прозорците и ролетните, додека проветрувањето да се врши во вечерните часови кога температурите се пониски.

ИЈЗ советува и умерен внес на храна, при што треба да се избегнуваат масни, висококалорични и премногу засладени производи.

Посебен акцент се става на редовната хидратација – граѓаните треба да пијат доволно вода во текот на целиот ден, без да чекаат да почувствуваат жед.

Се препорачува да се избегнуваат алкохолни пијалаци, пијалаци со кофеин и многу ладни напивки.

Во препораките се посочува дека паркираните возила за кратко време достигнуваат многу високи температури, па затоа никој не смее да биде оставен во затворен автомобил.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: СДСМ е друштво во стечај, координирано од Струмица, а ликвидаторот е Венко Филипче

Доколку се престојува во паркирано возило, потребно е да се отвори прозорец за да се овозможи вентилација.

За разладување, Институтот препорачува туширање со млака вода, користење ладни облоги или потопување на стапалата во ладна вода.

Посебна претпазливост се препорачува за лицата со хронични заболувања, особено оние со кардиоваскуларни, невролошки и белодробни болести.

Тие треба редовно да ја земаат пропишаната терапија и при секоја промена на здравствената состојба да се консултираат со својот матичен лекар.

Никола Ивановски