Пакистанските безбедносни сили извршија рација во засолниште на милитанти во немирниот северозападен дел на земјата, во близина на границата со Авганистан, при што беа убиени девет милитанти, соопшти денеска пакистанската армија.
Армијата навела дека меѓу убиените милитанти бил и висок бунтовнички командант кој бил убиен во градот Дера Исмаил Кан, во провинцијата Кабер Пахтунхва, пренесува АП.
Сите убиени милитанти биле членови на пакистанските талибанци, а командантот е заслужен за убиството на капетанот на пакистанската армија Хаснаин Ахтар за време на размена на оган во регионот минатиот месец, соопшти армијата.
Пакистанските талибанци, познати како Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП), се сојузници на авганистанските талибанци и се охрабрени да се активираат и да дејствуваат откако авганистанските талибанци ја презедоа власта во 2021 година.
Иако Пакистан често спроведува операции против милитантите, последната рација во Дера Исмаил Кан се случи еден ден откако војниците убија осум милитанти кои се обидуваа да ја преминат границата со Авганистан од регионот Северен Вазиристан во северозападен Пакистан.
Пакистан бележи зголемување на милитантните напади, од кои повеќето се припишуваат на ТТП, пренесува Танјуг.