Американскиот претседател Доналд Трамп планира да ја посети Саудиска Арабија во средината на мај, што ќе биде негова прва странска посета по враќањето во Белата куќа, соопштија американски дипломатски извори.
Според порталот Аксиос, одлуката на Трамп да патува во Саудиска Арабија сигнализира колку се блиски односите на администрацијата на Трамп со земјите од Персискиот залив, особено кога станува збор за економска соработка и инвестиции.
Оваа посета ќе дојде додека администрацијата на Трамп работи на продолжување на преговорите за повторно воспоставување на прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците што ги држеше Хамас.
Американските и израелските власти велат дека плановите за нормализирање на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија во моментов се на втор план, главно затоа што Саудијците сакаат цврста временска рамка за основање на палестинска држава, што израелската влада не ја прифаќа.
Аксиос потсетува дека првата странска посета на Трамп во неговиот прв мандат беше исто така патување во Саудиска Арабија, а тој на 6 март изјави дека најверојатно ќе ја посети земјата во следниот месец и половина.
„Одам таму. Тие инвестираа 450 милијарди долари во нашите компании. Им реков дека ќе дојдам овој пат ако инвестираат трилион долари во американски компании и тие се согласија“, рече Трамп.
Изворите рекоа дека американските и саудиските власти разговарале за потенцијалната посета на Трамп во последните недели, а еден од споменатите датуми е 28 април, но тоа било одложено.
Како што наведува друг дипломатски извор, сегашниот датум на планираната посета е средината на мај.
Тој додаде дека разговорите ќе се фокусираат на странски инвестиции, зајакнување на односите со земјите од Заливот и ставање крај на конфликтот на Блискиот Исток.
Белата куќа и амбасадата на Саудиска Арабија во Вашингтон се уште не ги коментирале овие наводи.
Израелските власти рекоа дека Белата куќа сè уште не разговарала со нив за можна посета на Трамп на Израел како дел од неговото патување во Саудиска Арабија.
Бидејќи Саудиска Арабија е активно ангажирана во помагање на САД за време на преговорите за прекин на огнот меѓу Русија и Украина, како што изјави добро информиран извор, Саудијците сакаат посетата на Трамп да се случи по постигнување договор за прекин на огнот.