ЈП „Чистота и зеленило“ побара помош од надлежните институции за справување со пожарот на депонијата „Краста“, каде што повторно има чадење на повеќе места.
Од претпријатието велат дека состојбата е сериозна и дека се потребни дополнителни градежни машини, пред сè булдожери, за поефикасно санирање на пожарот.
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, информираше дека уште утрово се обратил до Владата, Општина Куманово и Центарот за управување со кризи со барање за помош во опрема.
– Утринава се обратив до сите релевантни институции во државава, владата и до општината и до Центар за управување со кризи бараме помош во опрема, изјави Томиќ.
Во моментов, екипите на претпријатието работат со една машина изнајмена од приватна компанија, која според Томиќ е постара, како и со еден скип на ЈП „Чистота и зеленило“. Со нив се нанесува земја на делови од депонијата за да се спречи понатамошното ширење на огнот и чадењето.
Состојбата дополнително се влошила вчера поради јужниот ветер, кој повторно разгорел делови од депонијата. Иако дел од проблематичните места се санирани, чадењето продолжува.
– Добар дел од депонијава што имаше проблеми вчера поради овој ветер што го имаше јужен и кој ја разгори депонијава, добар дел е саниран меѓутоа сабајле и во моментот додека ја давам оваа изјава се уште чади, работиме се трудиме, станува збор за голем простор, посочи Томиќ.
Тој објасни дека проблемот е дополнително комплициран поради појавата на метан на повеќе места во депонијата.
– Чади на повеќе места, метанот излегува на повеќе места, ќе санираме на едно место се појавува на друго место и така во круг не врти. Ветерот ни прави проблеми работиме меѓутоа можностите се тие какви што се, изјави Томиќ.
Од ЈП „Чистота и зеленило“ велат дека земја се обезбедува и од приватни компании и секојдневно се нанесува слој врз депонираниот отпад, но потребна е дополнителна механизација за интервенција на поголемиот простор.
– Бараме помош во опрема, значи потребни се градежни машини булдожери, земја имаме носиме од приватни компании секојдневно нанесуваме слој на земја, вели Томиќ.
Според Томиќ, проблемот со депонијата „Краста“ е голем и комплексен и ги надминува можностите со кои располага ЈП „Чистота и зеленило“.
– Проблемот е голем сеопфатен мислам дека излегува од рамките на моќта што има јавно претпријатие, мислам дека ќе добиеме адекватна помош, се надевам, изјави Томиќ.
Екипите на претпријатието продолжуваат со интервенциите на депонијата, а од надлежните институции се очекува помош со дополнителна механизација за справување со пожарот и спречување на негово повторно разгорување.
Никола Ивановски

