Четири лица се приведени во врска со уривањето на четирикатница во Коња, соопштија турските власти.
Во соопштението на главниот јавен обвинител на Коња се вели дека „четворица осомничени одговорни за уривање на четирикатница во областа Селчуклу во провинцијата Коња се приведени“.
На местото на настанот продолжува детална истрага и акција со стручна комисија и во придружба на јавни обвинители, објави Хуриет.
A 4-storey building has collapsed in Konya, Turkey. Five people are reported to be trapped under the rubble. Emergency services are on the scene.pic.twitter.com/EgFIkxf27V
— Volcaholic 🌋 (@volcaholic1) January 24, 2025
Обвинителството соопшти дека инцидентот се истражува од сите аспекти и дека е утврдено дека членовите на едно семејство, сириските државјани Мухамед Џедан (24), Калид Ел Џедан (55), Ахмет Мухамед Џедан (23), Турки Мухамед и неговата сопруга, се заробени под урнатините.
Досега три лица се извлечени од урнатините, две се извлечени со повреди по петчасовна потрага (Мухамед и Калид), а третото лице, седумнаесетгодишник, е спасено во текот на седмиот час.
Екипата за итни случаи која била испратена на местото на несреќата користела специјални уреди за слушање за лоцирање на евентуалните преживеани, а во потрагата биле вклучени и службени кучиња.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја, во изјава на својот профил на социјалните мрежи, рече дека продолжуваат напорите безбедно да се дојде до уште две лица затрупани под урнатините.
Синоќа во 20 часот по локално време се урна четирикатница во Коња.
Според пишувањата на медиумите, минувачите заѕвониле на вратата на жителите за да ги предупредат дека нешто се случува бидејќи слушнале необични звуци кои доаѓаат од зградата.
Според очевидци, зградата се урнала за кратко време.
Двајца жители кои успеале да избегаат од зградата пред да се урне, превентивно биле пренесени во болница, како и пожарникарката Сефа Ишлек (24), која била повредена за време на спасувачката акција. По укажаната помош тие биле пуштени од болница.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја соопшти дека на местото на настанот дежураат вкупно 962 лица со 216 возила, објави Хаберлер.
Јерликаја за новинарите изјави дека дознале дека во зградата престојуваат 79 лица, дека телефонски контактирале со секое лице поединечно, а во моментот на несреќата, според проценките, во зградата имало пет граѓани.
На прашањето на новинарите да коментира дали причината за уривањето на зградата е тоа што потпорните столбови се исечени поради проширувањето на рибниот пазар во приземјето на зградата, Јерликаја рече дека истрагата е во тек и дека сите наводи ќе бидат истражени.
„Сите наводи дефинитивно ќе бидат истражени и вистината ќе излезе на виделина. Видете, секоја грешка, небрежност, што и да е, сè дефинитивно ќе биде внесено во досието“, нагласи тој.