Во придружба на Амбасадорот на САД, денес во официјална посета на Куманово беше и новоназначениот министер за внатрешни работи, Митко Чавков.
Денес во СВР Куманово се сретнав со моите колеги за да дискутираме за состојбата во Куманово и за тоа што се случуваше пред но и после нападот на градот, потенцираше министерот, нагласувајќи ја благодарноста и придонесот на САД во јакнење на капацитетите на МВР.
– Денес со колегите дискутиравме за соработката на локалната самоуправа и граѓаните со СВР Куманово, и со задоволство можам да констатирам дека во последните две години е зголемена соработката и довербата на граѓаните во полицијата, поткрепено со независните истражувања спроведени од страна на ОБСЕ, истакна Чавков.
Куманово после нападите е безбедно место за живеење, вели министерот, оценувајќи дека нападот во Куманово е изолиран случај кој не наиде на поддршка од локалното население.
– По добивање на релевантни информации за тоа што се случува на терен, ние веднаш развивме мерки и активности за развивање на информациите, а на база на тоа, и елиминирање на ризиците во акцијата, вели Чавков.