Голем број деца од Куманово учествуваа на Бадниковата поворка која се одржа денеска во Куманово. Песната Вечниот бог се слушаше по кумановските улици.
Децата се собраа од Соборниот храм Свети Никола и поминаа низ улиците во градот, завршија на градскиот плоштад. Сите носеа ѕвездички.
Празнични подароци беа подготвени за 300 деца. И Бадниковата пештера изработена од уметникот Мире Величковски беше поставена на градскиот плоштад.
– Драго ни е што после две години пауза повторно ги вративме децата на улицата. Изненадени сме од нивната бројност. Годинава имавме и хуманитарна мисија заедно со „Крепост“, изјави Ана Денковиќ Антевска од Бадникови поворки.
Сања Георгиевска посака уште радосни моменти за сите секоја идна година помасовно учество на дечињата.
Христијан Георгиевски од хуманитарната организација „Крепост“ кажа дека и годинава поделиле над 50-тина пакети за ранливите категории семејства од Куманово и Старо Нагоричане.
Тој се заблагодари на донаторите, компаниите и семејствата од Куманово кои донираа за сиромашните.
– Крепост традиционално како и секоја година изненади преку 50-тина семејства од социјален карактер, подготвивме традиционална бадникова трпеза, сè што е потребно да го прославиме Христовото раѓање, обезбедивме гравче, зелка, ориз, хемиски производи, шеќер, сол, зејтин. Благодарност до донаторите кои сакаат да останат анонимни, семејства и компании од Куманово. Крепост е тука во Куманово, организација која во духот на православието ја негува традицијата да помагаме на сиромашните, изјави Героргиевски.
Тој ги покани сите кои сакаат да помогнат да се обратат до Крепост, здружение кое ги негува православните вредности кое со години помага на сиромашните и болните сограѓани.
Денеска во Куманово и „Коледари“ го прославија Бадник, масовно со посета на соборниот храм, како и со прошетка низ улиците во градот.
текст: МИА / фото: Никола Ивановски