Атал: Немам намера да бидам следниот премиер на Франција

Сподели со своите пријатели

Поранешниот премиер на Франција Габриел Атал изјави денеска дека „не бара да биде следниот премиер“, пренесоа француските медиуми.

Loading...

„Мислам дека спектаклот на кој сме сведоци е доста очајнички. Слушаме за некои луѓе, за структури. Партиите станаа поважни од Французите. Би сакал да можам да соработувам со републиканската десница и со социјалната и демократската левица , и тоа ќе го правам послободно затоа што не се обидувам да бидам следниот премиер“, рече Атал во интервју за телевизијата TF1.

Тој оцени дека Французите очекуваат акција што ги надминува партиските поделби и најави дека ќе даде предлог за разговор со сите политички организации, освен со екстремистите.

„Оваа ситуација е привремена. Претседателот на Републиката наскоро ќе има избор да назначи нов премиер“, изјави Габриел Атал, пренесува весникот Фигаро.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера ја прифати оставката на премиерот Атал и на сите министри, соопштија од Елисејската палата, а пренесе Фигаро.

„За овој период да заврши што поскоро, на републичките сили им останува да работат заедно на градење на собир околу проекти и акции во служба на францускиот народ“, се наведува во соопштението, пренесува Танјуг.