Федералниот Апелациски суд во Филаделфија го отфрли барањето на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп да се блокира прогласувањето на демократот Џо Бајден за победник на изборите во оваа сојузна држава.
Судијата Стефанос Бибас, во име на тричлениот судски совет, изјави дека обвинувањата за изборна измама треба да бидат конкретни и да бидат проследени со докази, пренесуваат британските медиуми.
„Ние овде го немаме ниту едното, ниту другото“, напиша Бибас, кој на функцијата е назначен токму од Трамп.
Случајот сега може да се проследи до Врховниот суд на САД.
Пенсилванија неделава го потврди Бајден како победник на изборите, давајќи му ги на демократскиот кандидат 20-те електорски гласови.
Трамп продолжува да одбива да го признае изборниот пораз, иако не дава конкретни докази за измама, за кои тврди дека се од големи размери и кои, според него, би го свртиле конечниот резултат на изборите.
Трамп завчера за првпат навести дека ќе ја напушти Белата куќа доколку не успеат неговите законски обиди и се потврди дека Бајден има големо мнозинство од Електотрскиот колеџ.
Администрацијата на Трамп во понеделникот го отвори патот за трансфер на власта кон Бајден, давајќи му пристап до разузнавачките информации и ресурси, но Трамп, сепак, најавува дека борбата ќе продолжи.
Сашко Димевски