Администрацијата на Бајден е загрижена дека Иран планира одмазднички напад затоа што Израел го уби лидерот на Хезболах Хасан Насрала, па затоа работи со Израел на одбраната, изјави синоќа американски претставник за Си-Ен-Ен.
Администрацијата на Бајден водеше мултинационална одбрана на Израел во средината на април, кога Иран лансираше повеќе од 300 дронови и проектили кон Израел како одговор на неговиот напад врз високи офицери на Иранската револуционерна гарда во Сирија.
Американскиот функционер одби да каже каков напад се очекува од Иран, а не ги спомна чекорите преземени од американската војска.
Стравувањата од поширока регионална војна на Блискиот Исток се зголемија во последниве недели, бидејќи Израел ги засили нападите врз Хезболах во Либан, а групата поддржана од Иран вети дека ќе ја продолжи својата борба дури и кога многу нејзини врвни команданти се убиени.
Насралах беше убиен во петокот во масовен израелски напад во јужен Бејрут. Со децении, тој ја водеше најмоќната проиранска милитантна група на Блискиот Исток и неговата смрт е тежок удар за Хезболах, како и голем удар за контролата на Иран врз регионот.