Александар Крстевски е назначен за нов директор на Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово.
Крстевски на позицијата доаѓа од местото раководител на Секторот за култура, спорт, социјална заштита и заштита на деца при Општина Куманово, а ќе го замени досегашниот директор Дејан Стојановски.
Крстевски е доктор по политичка економија, магистрирал психологија и економија.
Тој има долгогодишно искуство во локалната самоуправа, меѓународната соработка и проектниот менаџмент.
– Во изминатиот период локалната самоуправа предводена од градоначалникот Максим Димитриевски инвестираше во подобри услови во домот. Таквиот тренд ќе се обидеме да го задржиме, да создадеме уште подобри услови за нашите највозрасни сограѓани да имаат достоинствени услови за престој во институцијата. Воедно се надевам дека ќе успееме да обезбедиме дозвола од ресорните министерства за вработување на дополнителен персонал кој недостасува, изјави Крстевски.
Во изминатите години бил раководител и на Секторот за меѓународна соработка и европска интеграција, стратешко планирање и локален економски развој во Општина Куманово.
Учествувал и во повеќе европски и регионални проекти поврзани со локален развој, социјални политики и меѓународна соработка.
Никола Ивановски

