Соединетите Американски Држави откажаа повеќе од 300.000 визи откако Доналд Трамп се врати на претседателската функција, потврди вчера висок функционер на Стејт департментот.
Мора Намдар, помошничка државна секретарка за конзуларни работи, објави на социјалната мрежа X дека бројот на откажувања на визи продолжува да расте.
„Повеќе од 300.000 визи се отповикани, а тој број сè уште расте. Пораката до носителите на визи е едноставна: почитувајте ги нашите закони или ќе ја изгубите привилегијата да патувате во Соединетите Држави“, рече Намдар.
„Под водство на претседателот Трамп и државниот секретар Марко Рубио, заштитата на нашата земја и американскиот народ е наш врвен приоритет – денес и секој ден“, додаде таа.
Во својот пост, таа, исто така, цитираше изјава од Белата куќа во која се наведува дека „администрацијата на Трамп отповикала повеќе визи, побрзо од која било претходна администрација во историјата“.
Објаснување на Стејт департментот
Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, на социјалната мрежа X објасни дека мерките се насочени кон странски државјани кои се занимаваат со нелегални активности или претставуваат закана за националната безбедност на САД.
„Имаме нулта толеранција за странски државјани кои престојуваат во нашата земја врз основа на виза, а притоа го кршат законот, вршат измама или ја загрозуваат нашата национална безбедност“, рече Пигот.

