Повторно се уништуваат зелените површини во Куманово. Искршени се садници од дрворедот кај градскиот пазар, а оштетени и украдени се и новозасадените цвеќиња на градскиот плоштад, информираат од ЈП „Чистота и зеленило“.
Од претпријатието реагираат на повторените случаи на вандализам, посочувајќи дека со ваквото однесување се уништуваат вложените средства и трудот на оние кои работат на уредување и разубавување на градот.

– Ова не е само уништување цвеќиња и садници. Ова е уништување на јавен имот, на вложени средства од граѓаните и на напорите да имаме поубаво, почисто и позелено Куманово, наведуваат од претпријатието.
Оттаму упатуваат апел до граѓаните да се однесуваат совесно и да ги чуваат јавните површини, нагласувајќи дека зеленилото и уредените простори се заедничко добро и одговорност на сите.

Воедно, бараат од надлежните институции да го зголемат надзорот, да ги откријат сторителите и да преземат соодветни мерки за нивно санкционирање.
Од „Чистота и зеленило“ посочуваат дека постојаното санирање на штетите не е доволно доколку вандализмот продолжи, поради што е потребна конкретна реакција и одговорност за уништувањето на јавниот имот.

Инаку цвеќето на градскиот плоштад „Маршал Тито“ беа засадени пред неколку дена заедно со 120 дрвја јасен.


Никола Ивановски

