На депонијата „Краста“ во Куманово поставени се нови камери за видеонадзор и заштитни огради, а во наредниот период се планира поставување дополнителни заштитни капии и осветлување.
Мерките се преземаат по повеќемесечните проблеми со пожарите и чадот од депонијата, кои предизвикаа реакции и протести на жителите од околните населени места.

– Со овие активности преземаме конкретни чекори за поголема безбедност, спречување на несакани појави и неовластени влезови, како и за поефикасна контрола и заштита на просторот, објави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Тој најави дека активностите за подобрување на безбедноста и контролата на депонијата ќе продолжат и во следниот период, со поставување дополнителни капии и осветлување.

Проблемот со „Краста“ повторно се актуализираше во октомври, кога жителите на селата Пчиња, Студена Бара, Вакв и околните населени места ја блокираа депонијата поради пожарите и чадот, за кои тврдеа дека траат со месеци.

Со блокадата беше оневозможено депонирањето на комуналниот отпад од Куманово, а жителите побараа итно гаснење на пожарот, мерки за намалување на загадувањето и трајно решение за проблемот.

По неколкудневните протести, жителите ја прекинаа блокадата откако започнаа активности за затрупување на отпадот и санација на депонијата со тешка механизација.

Никола Ивановски

