Раното откривање на ракот на дојка може да спаси живот, а навремената дијагноза значително ги зголемува шансите за успешно лекување.
Со оваа порака денеска во Куманово се одржа едукативна презентација за жени, во рамки на традиционалната октомвриска кампања за подигање на свеста за превенција и рано откривање на ракот на дојка.
Настанот, под мотото „Препознај, провери, спречи!“, го организираа Општина Куманово и Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки Куманово, со цел да се поттикнат жените редовно да го следат сопственото здравје, да ги препознаваат можните предупредувачки знаци и навреме да побараат медицинска помош.
Секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис, посочи дека Општината секоја година издвојува средства за социјална, детска и здравствена заштита, преку кои поддржува програми на невладини организации и здруженија.
„Преку јавен повик аплицираат сите невладини организации и здруженија со свои програми, идеи и предлози, а во рамки на расположливиот буџет се избираат најдобрите идеи кои понатаму се финансираат од Општина Куманово. Една од таквите програми е токму програмата на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки, во чии рамки денеска се организира еден од предвидените настани“, изјави Сларидис.
Медицинската сестра Љиљана Ивановска нагласи дека октомври симболично е посветен на борбата против ракот на дојка, со посебен акцент на превентивните активности, раната дијагноза и навременото лекување.
Таа посочи дека во последните неколку години се забележува зголемување на бројот на заболени, поради што е особено важно жените да бидат информирани и да не ги одложуваат прегледите.
„Важно е повеќе внимание да се посвети на раното откривање на болеста, навремено да се започне со дијагностичките процедури и лекувањето. Преживувањето од рак на дојка е околу 90 проценти доколку болеста е откриена навреме“, истакна Ивановска.

За состојбата во Куманово, д-р Нина Близнаковска Стојковиќ посочи дека нема големи разлики во бројот на заболени од година во година, при што се забележуваат периодични зголемувања и намалувања.
Таа нагласи дека, независно од годишните промени, превенцијата и разговорите за скринингот остануваат од суштинско значење, бидејќи раното откривање може да спаси животи.
Во рамки на кампањата, посебен акцент беше ставен и на самопрегледот на дојките, препознавањето промени на кожата и брадавиците, појавата на грутки, невообичаен исцедок и други симптоми што бараат лекарска процена.
Здравствените работници потсетуваат дека секоја новонастаната или упорна промена треба да се провери кај лекар, без одложување. Самопрегледот е начин жените подобро да го запознаат сопственото тело, но не ги заменува лекарските прегледи и препорачаните скрининг-испитувања.
Никола Ивановски

