Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово побара преземање законски мерки за деблокирање на депонијата „Краста“, за да се овозможи непречено одлагање на комуналниот отпад.
На денешниот состанок беа утврдени дополнителни мерки за санација и обезбедување на депонијата, додека блокадата од страна на граѓаните продолжува.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, информираше дека на состанокот била разгледана актуелната состојба на „Краста“, како и проблемите со собирањето на комуналниот отпад на територијата на општината.
– Продолжуваме интензивно со санација на депонија Краста. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на сите општествено одговорни компании од Куманово и пошироко коишто учествуваат по барање на Општинскиот штаб за заштита и спасување на оваа интервенција, изјави Димитриевски.
Тој упати апел до граѓаните кои ја блокираат депонијата да ги прекинат блокадите и да му овозможат на ЈП „Чистота и зеленило“ повторно да го одлага отпадот на локацијата.
– Би апелирал и би ги замолил граѓаните коишто протестираат да се повлечат од блокадите и да дозволат на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ Куманово повторно да продолжи со изнесување на смет на оваа депонија којашто со закон е предвидена за тоа, рече градоначалникот.
Во меѓувреме, како што информираше Димитриевски, по негово барање и повикот на премиерот, градоначалниците Јанчев и Ѓорѓиевски испратиле возила за помош во транспортот на кумановскиот отпад до депонијата „Дрисла“, бидејќи „Краста“ сè уште е затворена за одлагање.
На денешниот состанок, на кој присуствуваа претставници на надлежните институции, јавни претпријатија, здравствени установи, инспекциски служби и Министерството за внатрешни работи, Штабот ги потврди претходните заклучоци и усвои дополнителни мерки.
Меѓу нив е координирано преземање законски дејствија за деблокирање на депонијата, како и барање до СВР Куманово за координација и отворање коридор за непречено депонирање на отпадот.
Предвидено е ЈП „Чистота и зеленило“ континуирано да ја третира депонираната маса со земја, а на дневна основа да се обезбедува дополнителен градежен материјал за покривање на новодепонираниот отпад.
Дополнително, ќе се постават нови камери за видео-надзор и термовизиски камери, ќе се засилат физичкото обезбедување и стражарските служби, а ќе се санираат и оштетените делови од заштитната ограда.
Штабот предвидува и формирање еко-патрола во соработка со месното население и невладините организации од селата Пчиња, Студена Бара, Вак’в и Винце, која еднаш неделно ќе ја следи состојбата на депонијата.
Дополнителните мерки опфаќаат и дезинфекција на локациите за собирање смет, согласно планот и препораките на Центарот за јавно здравје Куманово, како и контрола на сливните решетки и шахтите за атмосферска вода од страна на ЈП „Водовод“, со нивно чистење, санирање или замена доколку е потребно.
Димитриевски најави дека во рамките на своите надлежности ќе ги преземе потребните активности за реализација на проектот за затворање на депонијата „Краста“ и нејзина трансформација во трансфер-станица.
– Општина Куманово досега ги има исполнето сите свои обврски кон овој проект и кон Министерството за животна средина и верувам дека со помош на Владата ќе успееме заедно и средствата од Европската Унија овој проект да го решиме и во целост да биде решен проблемот не само во Куманово туку во 15 општини од Североисточниот и Источниот плански регион, изјави Димитриевски.
Никола Ивановски

