Македонија мора да изгради успешна, економски силна и достоинствена држава, а најголемата одговорност на сегашната генерација е да обезбеди подобра иднина за младите, порача премиерот Христијан Мицкоски од Спомен-костурницата во Куманово, каде денеска се одбележуваше 11 Октомври – Денот на народното востание.
Во обраќањето по повод 85-годишнината од почетокот на востанието против фашистичкиот окупатор, Мицкоски се осврна на историското значење на 11 Октомври, но и на предизвиците со кои се соочува државата денес, повикувајќи на надминување на политичките поделби, поголеми национални цели и конкретни резултати.
„Пред точно 85 години, во темнината на една октомвриска ноќ, се случи нешто што засекогаш го промени текот на македонската историја“, рече Мицкоски, потсетувајќи дека востанието започнало во Прилеп и Куманово и прераснало во народноослободителна борба.

Тој нагласи дека денешните генерации имаат обврска да ја продолжат борбата на своите предци преку развој на државата и создавање подобри услови за живот.
„Затоа што нашата татковина е поголема од секоја политичка генерација!“, порача премиерот, додавајќи дека државата не смее да биде заложник на лични и партиски интереси.
Мицкоски оцени дека е време за поголеми амбиции и одлуки, посочувајќи дека Македонија треба да се насочи кон економски успех, институционална правда и повисок животен стандард.

Посебен акцент во говорот стави на младите и потребата да се создадат услови тие да останат во земјата, да формираат семејства и да ги остваруваат своите планови во сопствената држава.
Во тој контекст, премиерот се осврна и на економските показатели, наведувајќи дека во вториот квартал од 2026 година бруто-домашниот производ остварил раст од 4,3 проценти, додека извозот во првите осум месеци од годината достигнал 5,74 милијарди евра, со раст од 8,7 проценти. Просечната нето-плата во јули, според податоците што ги презентираше, изнесувала 48.499 денари.

Мицкоски посочи дека целта на Владата е до крајот на мандатот просечната плата да се приближи до 1.000 евра, но призна дека сè уште има семејства кои тешко ги покриваат месечните трошоци.
„Вистински успех ќе биде кога растот на економијата ќе се почувствува во секој дом“, рече премиерот.
Говорејќи за европската иднина на земјата и отворените прашања со источниот сосед, Мицкоски порача дека Македонија останува посветена на европскиот пат, но нема да се откаже од сопствениот идентитет, јазик и историја.
„Нема да ја градиме иднината врз омраза. Нема да ги претвораме разликите во непријателства. Нема да дозволиме минатото да биде пречка за соработка. Но нема ниту да се откажеме од сопственото достоинство“, истакна тој.

На крајот од обраќањето, Мицкоски порача дека историската одговорност на сегашната генерација е да остави посилна држава за идните поколенија.
„Нашите предци ни ја оставија слободата. Нашите родители ни ја оставија независноста. А ние на нашите деца мора да им оставиме успешна држава!“, порача премиерот.
Говорот го заврши со честитка по повод празникот и порака за трајно сеќавање на борците за слобода.
„Нека е вечен споменот на борците за слобода! Нека е честит 11 Октомври! Нека е вечна и Бог да ни ја благослови Македонија!“




Никола Ивановски

