Куманово со богата спортска програма за „11 Октомври“

Сподели со своите пријатели

Меѓународни турнири, атлетски и велосипедски трки, планинарски тури и натпревари во повеќе спортови ќе се одржат во Куманово по повод 11 Октомври – Денот на народното востание на Македонија.

Спортските манифестации ќе се реализираат од 9 до 13 октомври, во организација на кумановските спортски клубови и Општинскиот сојуз на училишен спорт, со учество на спортисти од земјава и од странство.

Програмата започнува денеска, на 9 октомври, со меѓународен семинар на Аикидо клубот „Агатсу“, кој ќе се одржи во 19 часот во салата на клубот на улицата „Иво Лола Рибар“ бр. 112.

Утре, на 10 октомври, со почеток во 10 часот, ќе се одржат повеќе спортски настани: турнир во пинг-понг во организација на ППК „Куманово“, меѓународен турнир во пара пинг-понг, традиционалниот меѓународен атлетски митинг на атлетската патека во Соколана, како и натпревар во стрелаштво со воздушна пушка меѓу екипи од Прилеп и Куманово.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  МКК Куманово утре го пречекува ГКК Штип

Во текот на викендот, на тениските терени кај спортската сала, ќе се одржи и тениски турнир за младински категории, како и отворен тенис за граѓаните.

На 11 октомври, на самиот празник, програмата продолжува со спортско-риболовниот куп на езерото „Гого Монд“, кој започнува во 7 часот, планинарската тура на Козјак, како и меѓународната велосипедска трка „11 Октомври“, со старт во 11 часот пред спортската сала во Куманово.

Спортските активности продолжуваат и на 12 октомври, кога Машкиот ракометен клуб „Куманово“ ќе организира турнир во младински категории во салата на ООУ „Христијан Карпош“.

Истиот ден, Планинарскиот клуб „Поларис“ ќе реализира тура на Шар Планина, до Јелачки Црн Врв, додека Планинарскиот клуб „Куманово“ ќе ја организира традиционалната тура „По патот на хероите“, со посета на Споменикот на НОБ кај Белановска воденица.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Викенд прогноза за Куманово: Циклонски бран носи врнежи од дожд

Програмата завршува на 13 октомври со училишни натпревари.

Во спортската сала на СОУ „Гоце Делчев“ ќе се одржи турнир во пинг-понг за средношколци, со почеток во 9 часот, а во салата на ООУ „Кочо Рацин“ ќе се игра турнир во одбојка за основни училишта во женска конкуренција, кој започнува во 8:30 часот.

Во рамките на одбележувањето на празникот, на 26 септември се одржа и одбојкарски турнир во женска конкуренција, во организација на Општинскиот сојуз на училишен спорт Куманово и Женскиот одбојкарски клуб „Куманово“. На турнирот учествуваа клубови од земјава, како и гостинската екипа ЖОК „Златибор“ од Чајетина, Србија.

Никола Ивановски