Мажите ретко одат на превентивни прегледи, лекарите повикуваат на поголема грижа за здравјето (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Редовните превентивни прегледи се од особено значење за навремено откривање и спречување на уролошките заболувања, а мажите не треба да чекаат појава на симптоми за да побараат лекарска помош.

Ова го истакна Никола Стефановски, лекар по општа медицина при Општа болница Куманово, на јавната трибина „Машки муабети“, организирана по повод месецот посветен на машкото здравје.

Стефановски упати апел мажите најпрво да се обратат кај матичните лекари, каде што ќе ги споделат евентуалните симптоми, а по потреба ќе бидат упатени на дополнителни специјалистички прегледи.

– Потребно е сите мажи кои имаат одредена симптоматологија да се појават кај лекар, но уште позначајно е барем еднаш годишно да имаат превентивен преглед кај примарните здравствени установи, насочен кон уринарниот тракт. По потреба, пациентите треба да се упатат и кај специјалистите, посочи Стефановски.

 

 

Тој објасни дека при процената на здравјето на уринарниот систем се користат лабораториски анализи, како и ултразвучни прегледи, кои можат да дадат значајна слика за состојбата на уринарниот тракт.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Тројца тинејџери уапсени за физички напад врз 23-годишен кумановец

Според него, не постои строго определена возраст на која мажите треба да започнат со превентивни прегледи, бидејќи превенцијата не треба да биде ограничена со години.

– Превенцијата не бира години. Сите мажи кои имаат одредени симптоми треба да се појават на лекар, но препорачливо е и редовно, најмалку еднаш годишно, да се направи превентивен преглед, нагласи лекарот.

 

 

Стефановски предупреди дека мажите често се јавуваат кај лекар дури откако ќе се појават симптоми, а во некои случаи тоа може да биде и доцна.

Меѓу симптомите на кои треба да се обрне внимание се отежнатото мокрење, печењето и болката при уринирање, како и чувство на тврдост во пределот на скротумот.

Тој додаде дека бројот на мажи кои се одлучуваат на превентивни прегледи постепено се зголемува, но дека е потребно дополнително да се работи на подигнување на свеста и охрабрување на машката популација да ја стави грижата за здравјето на повисоко место.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец пронајден починат во својот дом

 

 

Јавната трибина „Машки муабети“ ја организираше Секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита при Општина Куманово, во просториите на поранешен Комитет.

Раководителот на Секторот за култура, социјална заштита, заштита на децата и здравјето, Дејан Стојановски, вели дека целта е да се подигне свеста за машкото здравје и превенцијата.

– Денеска е време и за одржување на „Машки муабети“ или трибина посветена на машкото здравје, тема којашто како што знаеме е така да кажеме прилично стигма во јавноста во однос на машкиот пол и затоа ќе се обидеме сега со почетокот на оваа трибина да да ја подигнеме свеста и да започнеме отворени разговори во насока на превенција и заштита на машкото здравје, изјави Стојановски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Марио Тушевски од Куманово освои прво место на Clash Royale турнирот (ФОТО)

 

 

На трибината учествуваа ученици од медицинската струка при ОСТУ „Наце Буѓони“, кои презентираа теми поврзани со машкото здравје, превенцијата и важноста од навремено препознавање на здравствените ризици.

Своето стручно мислење и искуство го споделија и лекари од Куманово, дискутирајќи за уролошките заболувања, превентивните прегледи и грижата за сопственото здравје.

Целта на настанот беше да се поттикне отворен разговор за теми кои често се занемаруваат, да се подигне свеста за редовните здравствени прегледи и да се охрабрат мажите да преземат одговорност за сопственото здравје.

 

 

На трибината присуствуваа претставници на општинската администрација, општинските училишта, јавните претпријатија и здруженија.

Присутните добија и симболични подароци – шолји изработени од корисниците на Центарот за рехабилитација и реинтеграција на лица со интелектуална попреченост над 18-годишна возраст „Порака наша“, со што беше дадена поддршка на нивната креативност, труд и општествена вклученост.

Никола Ивановски