Атлетската патека „Соколана“ во Куманово утре, 10 октомври, ќе биде домаќин на XIV Атлетски митинг „11 Октомври“, на кој ќе настапат најмладите атлетичари, но и натпреварувачи во машка и женска конкуренција.
Митингот ќе започне во 10 часот, а програмата предвидува детски трки на 60 метри во машка и женска конкуренција, поделени по возрасни категории, од генерациите родени во 2020 година и помлади, до натпреварувачите родени во 2011 и 2012 година.
Во рамки на натпреварувањето ќе се одржат и дисциплини во скок во далечина за генерациите од 2011 до 2013 година, како и за родените во 2014 и 2015 година.
Главната програма опфаќа трки на 60 метри и скок во далечина за мажи и жени, а предвидена е и фамилијарна штафета на 3х200 метри.
Организаторите ги покануваат сите заинтересирани да присуствуваат на митингот и да ги поддржат атлетичарите на атлетската патека „Соколана“ во Куманово.
Никола Ивановски

