Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека нема „цврсти докази“ дека Иран ги обновува своите нуклеарни постројки по нападите на САД и Израел.
Во интервју за аргентинскиот весник Кларин, Гроси рече дека разговорите за нуклеарната програма на Иран се уште се во застој поради војната.
Според него, приближно 440 килограми високо збогатен ураниум што го има Иран се уште се наоѓа на локацијата каде што се наоѓал во времето на минатогодишната Дванаесетдневна војна.
„Објектите претрпеа значителна штета. Можеби почнуваат да обновуваат дел од инфраструктурата, не може да се исклучи, но нема цврсти докази што укажуваат дека е така. Затоа, ова прашање останува во голема мера нерешено“, рече Гроси.
Шефот на МААЕ нагласи дека Агенцијата е подготвена да се врати на својата работа во Иран штом околностите дозволат.
„Подготвени сме и се надевам дека ќе можеме да продолжиме да работиме таму што е можно поскоро“, рече Гроси.

