Над 50 вработени од оперативните служби, како и дел од административните службеници на ЈП „Чистота и зеленило“, се вклучија во акцијата за чистење и уредување на градските гробишта во Куманово.
Акцијата започна денеска и ќе продолжи во текот на целиот викенд, а според најавите, активностите ќе траат и во наредниот период, до празникот Голема Богородица.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, изрази задоволство од ангажманот на вработените, но истовремено оцени дека учеството на граѓаните досега не е на задоволително ниво.
– Отпочна акцијата, иако е жешко и топло време над 50 вработени од оперативните служби и дел од административните службеници во оваа јавно претпријатие се вклучија во оваа организирана акција. Сакам да напоменам дека учеството на граѓаните не е задоволително, изјави Димитриевски.
Тој упати апел до граѓаните кои поседуваат гробни места на градските гробишта да се вклучат во акцијата и да ги исчистат своите семејни гробни места, при што отпадот да го оставаат на предвидените пунктови.
– Апелирам во оваа прилика во следните два дена сите граѓани на Општина Куманово коишто поседуваат сопственост или право на владение на гробни места во градските гробишта во Куманово да се отповикаат и да ја искористат можноста сето онаа што ќе биде исчистено на гробните места да биде складирано на одредени пунктови за да може истиот смет да се изнесе организирано од страна на вработените во јавното претпријатие, рече градоначалникот.

Акцијата ќе продолжи и утре и задутре, односно во текот на целиот викенд, а Димитриевски апелираше граѓаните да се вклучат во раните утрински часови поради високите температури.
– Оваа акција ќе продолжи и утре и задутре, значи целиот викенд. Апелирам на вклучување во раните утрински часови, а дополнително истата ќе продолжи до претстојниот верски празник Голема Богородица, додаде Димитриевски.

Акцијата за чистење и уредување на градските гробишта беше најавена од Општина Куманово во пресрет на Голема Богородица.
Покрај вработените во ЈП „Чистота и зеленило“, во неа треба да се вклучат и останатите јавни претпријатија, општествено одговорни компании и советниците во Советот на Општина Куманово.

Директорот на претпријатието, Сашо Томиќ вели дека е задоволен од сработеното.
– Мислам дека исчистивме голем дел од она што беше проблематично, суво, неискосено, диви израстоци од дрвја. Продолжуваме до недела. Би сакал да укажам апел што поголем број наши сограѓани да бидат вклучени и да дадат допринос во чистење на парцелите, за акцијата да биде поуспешна, да се потрудиме сите заедно, да дадеме еден убав изглед колку што можеме на градските православни гробишта, рече директорот Томиќ.

Градоначалникот Димитриевски во изјавата се осврна и на реакциите од советничката група на ДУИ, од каде што имаше прозивки во однос на активностите на градските гробишта и реконструкцијата на градската капела.
Димитриевски ги отфрли обвинувањата дека станува збор за поделба на граѓаните по верска основа и посочи дека градските гробишта се во надлежност на Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“.
– Не се работи за никаква поделба на граѓаните туку оваа се градски гробишта на Општина Куманово каде што имаат право да бидат согласно законот сите граѓани без разлика на својата верска припадност, изјави Димитриевски.
Тој посочи дека надлежноста на ЈП „Чистота и зеленило“ произлегува од програмата на Советот и од законските надлежности, а се осврна и на проектот за реконструкција на градската капела.
– Проектот за реконструкција на градската капела на градските гробишта не е само проект на Општина Куманово туку првенствено Општина Куманово има аплицирано на програмата на Министерството за транспорт и врски и има добиено проект , државни обезбедени средства, не средства од Општина Куманово, самите советници тоа го знаат, рече тој.
Според Димитриевски, реакцијата на советничката група на ДУИ е политички мотивирана.
Градоначалникот во целост ги демантираше наодите изнесени од советничката група на ДУИ и упати порака наместо политички препукувања, да се даде придонес кон подобрување на односите во градот.
Паралелно со акцијата за чистење, на градските гробишта се реализира и проектот за реконструкција на градската капела.
Никола Ивановски

