Милиони луѓе на погребната поворка на ајатолахот Али Хамнеи во Техеран

Сподели со своите пријатели

Милиони луѓе се придружија на погребната поворка во Техеран за да го испратат телото на починатиот врховен верски водач ајатолахот Али Хамнеи на пат кон светиот град Ком, објавија денес иранските медиуми.

Ожалостените граѓани излегоа на улиците на иранската престолнина и се придружија на погребната поворка, а според тврдењата на иранските власти, тоа е најголемиот јавен собир во модерната историја на таа земја, објавува иранската државна телевизија Прес ТВ.

Поворката започна утрово во 6:00 часот по локално време од религиозниот комплекс Голема Мосала во Техеран, односно џамијата на отворено, каде што телото на ајатолахот беше изложено два дена.

Организаторите очекуваат поворката да трае 10 до 12 часа, движејќи се по 10-километарска рута низ улицата Дамаванд, преку плоштадот Имам Хусеин до плоштадот Азади и автопатот Шахид Лашгари, кој е во близина на аеродромот Мехрабад.

 

 

Делегации од бројни земји, вклучувајќи шефови на држави, премиери и високи функционери од Русија, Кина, Индија, Пакистан, Ирак, Таџикистан, Турција и десетици други земји, пристигнаа во Техеран за да му оддадат почит на паднатиот ајатолах во петок, додека во сабота и недела населението можеше да се збогува со врховниот лидер.

Организаторите објавија дека се преземени сите потребни здравствени, медицински и социјални мерки, бидејќи, како и во претходните денови, се очекува голем број луѓе.

Според соопштението на Штабот за одбележување на крвавото вознесение на великиот ајатолах Хамнеи, церемониите за збогување траеја неколку дена на отворениот простор на џамијата Имам Хомеини, а телото на Али Хамнеи ќе биде погребано во четврток, 9 јули, во светилиштето на Имам Реза во Машхад, по неколкудневните церемонии во Техеран, Ком, Наџаф и Кербала.

Според извештаите, телото на починатиот лидер ќе биде пренесено во светиот град Ком на 7 јули, по денешната погребна поворка во Техеран, а специјални збогумски и погребни церемонии се закажани за 8 јули во ирачките градови Наџаф и Кербала.

Конечно, завршните церемонии ќе се одржат во светилиштето на Имам Реза во светиот град Машхад на 9 јули, објави иранската државна новинска агенција ИРНА, а Прес ТВ наведува дека ова била желба на паднатиот ајатолах, пренесува Танјуг.