Десет лица се здобија со полесни повреди во земјотресот со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала што во текот на ноќта погоди област во близина на планината Фуџи во централна Јапонија, соопштија утрово јапонските власти.
Земјотресот е регистриран околу 22:28 часот и ги погоди централните и источните делови на земјата, вклучително и поширокото подрачје на Токио, објави Кјодо.
Во дел од префектурата Јаманаши е забележан интензитет од шест степени на јапонската сеизмичка скала која има седум нивоа.
Според податоците на Јапонската метеоролошка агенција, ваков интензитет на земјотрес во префектурата Јаманаши последен пат е забележан во 1924 година, а земјотресот не е поврзан со вулканската активност на планината Фуџи.
Службата на брзата железничка линија Токаидо Шинкансен беше привремено прекината помеѓу станиците Токио и Шизуока веднаш по земјотресот, но продолжи во раните утрински часови во саботата.
Железничкиот оператор ЈР Централ рече дека прекинот на сообраќајот погодил околу 22.000 патници.

