Лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, смета дека СДСМ тактизира околу барањата за предвремени парламентарни избори и дека партијата би можела да се повлече од таквата иницијатива во последен момент.
Според него, ваквиот пристап не е нов во македонската политика.
– Сметам дека СДСМ тактизира. Во моментот кога ќе излеземе како актуелна власт и ќе кажеме дека сме подготвени, први ќе се повлечат. Тоа е оној стар пристап принцип дека секогаш се предомислуваат во последен момент, изјави Димитриевски.
Тој нагласи дека ЗНАМ нема страв од изборно соочување и дека партијата е подготвена да учествува на какви било избори доколку дојде до такво сценарио.
– Како и да е и да има избори, ЗНАМ е подготвен секогаш активно да земе учество на тие избори бидејќи ние сме растеретени и како нов политички субјект на политичката сцена за нас изборите се само контрола, рече Димитриевски.
Сепак, според него, клучното прашање не е дали политичките партии се подготвени за избори, туку какви последици би имале тие врз функционирањето на државата и реализацијата на владината програма.
– Што предвремените избори ќе значат за самата држава и нејзиниот раст, напредок и имплементација на владината програма, тоа е веќе нешто друго. Знаете од искуство дека на секој избори какви и да се државата буквално три до четири месеци стои дали ни е потребно такво нешто да се случи следната годин, мислам дека не, истакна тој.
Според лидерот на ЗНАМ, евентуалните предвремени избори би можеле да имаат негативно влијание особено врз реализацијата на капиталните проекти на локално ниво.
– Се работат многу проекти, особено на локално ниво. Локалните самоуправи работат како никогаш досега. Тргнувајќи од Општина Куманово, над 27 проекти се реализираат во моментов или ќе бидат реализирани до крајот на годината, зборувам за крупни капитални инфраструктурни проекти, изјави Димитриевски.
Никола Ивановски

