Општинскиот штаб за заштита и спасување денеска одржа вонредна седница посветена на актуелната состојба со пожарите на територијата на Општина Куманово, со посебен акцент на пожарот на депонијата „Краста“, дивите депонии и превентивните мерки што ќе се преземаат во текот на летниот период.
Градоначалникот Максим Димитриевски информираше дека биле разгледани информациите од Територијалната противпожарна единица за сите пожари во изминатиот месец, а биле донесени и конкретни препораки за понатамошно постапување.
Во однос на депонијата „Краста“, Димитриевски појасни дека станува збор за специфичен проблем кој постојано се реактивира поради подземните гасови акумулирани со децении.
– Се работи за самоопожарување на самата депонија од поземните гасови коишто се акумулирани таму повеќе од 80 години коишто откако ќе ги ставиме под контрола се реактивираат во период од четири-пет дена, рече Димитриевски.
Тој најави дека целокупната механизација на јавните претпријатија ќе биде ставена на располагање на ЈП „Чистота и зеленило“, а дополнително ќе бидат вклучени и приватни компании кои соработуваат со Општина Куманово и располагаат со соодветна механизација, со цел да се врши дополнителен нанос на земја на површината на депонијата и да се намали можноста за повторно активирање на жариштата.
Како дел од превентивните мерки, инспекциските служби и СВР Куманово ќе формираат заеднички тимови кои ќе вршат засилен надзор на локациите каде што најчесто се појавуваат пожари предизвикани од човечки фактор.
„- Го задолживме инспекторатот во општината и СВР Куманово да формираат заеднички мешовити тимови коишто во летниот период ќе бидат активни, ќе воведат позорникарска служба на локациите каде што се појавуваат опожарувања од несовесни граѓани“, изјави градоначалникот.

Според него, една од најкритичните точки е просторот покрај реката Липковка спроти булеварот „Октомвриска револуција“, каде што често се палат различни видови отпад, како и делот кај населбата Перо Чичо низ кој поминува железничката пруга.
Дополнително, Општината ќе воспостави времен пункт на Територијалната противпожарна единица кај Спомен Костурницата, од каде пожарникарите ќе можат побрзо да интервенираат на критичните локации.
Димитриевски откри дека од СВР Куманово добил информација дека се откриени повеќе сторители на пожари, кои не биле соодветно процесуирани.
– Добив информација од претставниците на СВР Куманово дека досега се откриени голем број на сторители кадешто беше посочено дека истите не се соодветно третирани од страна на Основното јавно обвинителство Куманово и не им е поведена кривична постапка предизвикување на општа опасност“, изјави тој.
Поради ваквата состојба, градоначалникот најави средби со надлежните обвинители.
– Ќе побарам средба со основниот јавен обвинител и државниот јавен обвинител бидејќи ние како општина се соочуваме со овој проблем веќе со години каде како сторители се јавуваат во континуитет едни исти лица или членови на семејства коишто се веќе познати на органите на прогонот и не се санкционираат и третираат соодветно, рече Димитриевски.

Тој порача дека локалната самоуправа повеќе нема да толерира ваква состојба.
– Не може Општина Куманово да биде заложник на поединци и ќе напраам се да овој феномен се спречи, додаде градоначалникот.
Во насока на подобрување на противпожарните капацитети, Општина Куманово ќе стави на располагање возило и дополнителна опрема за потребите на ЈП „Национални шуми“, со цел да се формира уште еден тим за интервенција при шумски пожари.
Истовремено, Димитриевски упати апел до граѓаните да се грижат за сопствениот имот и да не очекуваат институциите да ги извршуваат нивните законски обврски.
– Не можат да очекуваат општината да го средува приватниот двор или место коешто е дадено на користење под владение или со функција на објект за индивидуално или колективно домување во градот, истакна тој.
Градоначалникот најави средба со станбените домари, а инспекциските служби заедно со полицијата ќе ги мапираат сите критични точки и диви депонии во градот со цел нивно расчистување.
Посебно внимание, како што рече, ќе биде посветено и на несовесното одлагање индустриски отпад од страна на дел од трговските субјекти.
– Имаме мапирано досега поголем број на такви локации во градот каде што трговски дуќани особено коишто работат со прехрана исфрлаат и депонираат таков индустриски отпад во форма на опаковки, пакувања, картонажа дури и палети коишто се потенцијална бомба во градот“, рече Димитриевски.
Според него, за среќа досега Куманово не се соочило со посериозен пожар во густо населените градски подрачја, а најголем дел од интервенциите биле на отворени површини обраснати со висока трева.
Градоначалникот ги повика граѓаните сите сомнителни случаи и пожари веднаш да ги пријавуваат во СВР Куманово на бројот 192 и на дежурниот телефон на Општината, а најави и дополнителна телефонска линија за пријавување вакви случаи.
Во обраќањето тој се осврна и на, како што рече, организираното ширење дезинформации преку социјалните мрежи.
– Сакам да информирам дека од страна на поединци во Општина Куманово се води и свесна кампања во делот на актуелната состојба преку фамозни фејсбук профили и социјални мрежи коишто не одат во функција на справување со проблемот туку дополнително внесуваат несигурност кај граѓаните и прават дезинформираност, изјави Димитриевски.
Како пример го наведе случајот од пред пет дена кога на социјалните мрежи биле објавени фотографии со тврдења дека гори депонијата „Краста“.
– Од самата локација од видео мониторингот и надзорот видовме дека истата во тој момент кога беше објавено не беше опожарена, рече тој.
Осврнувајќи се на противпожарните капацитети, Димитриевски информираше дека Општина Куманово досега добила шест противпожарни возила преку донација од Австрија.
– Ние досега имаме добиено шест возила од страна на австриската амбасада коишто нашиот капацитет на противпожарната единица Куманово го надоградија поприлично, изјави градоначалникот.
Три од возилата се наменети за Табановце, Клечовце и Орашац, каде што во моментов се градат гаражи за нивно сместување.
По завршувањето на обуките во Хрватска, доброволните пожарникари ќе бидат ставени во функција.
Во моментов, Територијалната противпожарна единица располага со 44 професионални пожарникари, а во интервенциите ќе бидат вклучувани и доброволците кои се пријавиле во доброволното противпожарно друштво.
– Мора да потенцирам дека не сум задоволен од бројот на луѓето коишто се имаат пријавено доброволно, но како и да е нешто е повеќе од ништо и ние тргнуваме и сме меѓу пионерите во државата коишто ќе го развиваат овој систем на организација, рече Димитриевски.
Тој додаде дека во иднина ќе се бараат начини за дополнително мотивирање и наградување на доброволните пожарникари, потенцирајќи дека „колективната безбедност е одговорност на сите“.
Во однос на селото Пчиња, градоначалникот појасни дека тоа засега не е опфатено со проектот поради недостиг на соодветна државна локација за изградба на гаража за противпожарно возило.
Сепак, според него, во тек се активности за обезбедување на таква локација, по што селото би било вклучено во втората фаза од проектот.
Никола Ивановски

