Денеска започнува електронското пријавување за упис во средните училишта за учебната 2026/2027 година.
Учениците ќе можат да аплицираат преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, користејќи ги своите кориснички сметки од schools.mk.
Според Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование при Општина Куманово, уписите ќе се реализираат согласно конкурсот што Министерството за образование и наука го објави во март.
– Средните училишта запишуваат согласно конкурсот кој беше објавен во месец март од страна на Министерството за образование и наука. Пријавувањето и оваа година ќе се врши електронски на порталот e-uslugi.mon.gov.mk на кои учениците ќе можат да се логираат со своите кориснички сметки од schools.mk“, изјави Јовановиќ.
Првото електронско пријавување ќе се спроведе денеска и на 15 јуни, додека доставувањето на потребната документација во училиштата ќе биде на 16 и 17 јуни.
Конечните ранг-листи ќе бидат објавени на 18 јуни.
– Второ електронско пријавување ќе биде на 23 јуни, доставување на потребната документација во училиштето ќе биде на 24, додека објавување на ранг-листата ќе биде на 25 јуни“, рече Јовановиќ.
Августовскиот уписен рок е наменет за ученици кои се упатени на поправен испит, ученици на испитна година и ученици со забрзано напредување.
– Августовски уписен рок тоа е ограничен само за ученици кои се упатени на поправен испит, ученици на испитна година и ученици за забрзано напредување. Тука ќе биде пријавувањето на 20 август и доставување на потребна документација на 21, конечната ранг-листа ќе биде објавена во текот на денот“, изјави Јовановиќ.

Тој посочи дека подетални информации за интересот на учениците за поединечните струки и профили ќе има по завршувањето на двата јунски уписни рока.
– Им посакувам на учениците да ја изберат онаа струка и профил кои тие ги сакаат, нормално во координација и договор со своите родители и старатели“, изјави Јовановиќ.
Во Општина Куманово функционираат четири општински средни училишта и едно државно, а според Јовановиќ, со воведувањето на дуалните паралелки се отворени нови можности за учениците.
„Со воведување на дуалните паралелки беа внесени многу нови струки и профили кои се сега застапени во средните училишта“, додаде Јовановиќ.
Никола Ивановски

