Отсекот за превенција при СВР Куманово во соработка со Општинскиот совет за превенција реализираше превентивна активност на повеќе локации во Куманово, насочена кон подигнување на сообраќајната култура и подобрување на безбедноста на пешаците.

Активноста беше фокусирана на почитување на пешачките премини и спречување на непрописното паркирање на тротоарите, кое често го отежнува безбедното движење на граѓаните.

Во кампањата се вклучија и членови на Советот на Општина Куманово, кои заедно со претставниците на полицијата апелираа до учесниците во сообраќајот да се однесуваат одговорно и да ги почитуваат сообраќајните правила.

Како дел од активноста, на совесните пешаци и возачи кои ги почитуваат сообраќајните прописи им беа доделени маици со лого, обезбедени со поддршка на Општинскиот совет за превенција.
Надлежните посочуваат дека ваквите превентивни активности имаат за цел да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот и развивање на свеста кај граѓаните за важноста од почитување на сообраќајните правила.
Никола Ивановски

