Игор Џамбазов е годинашен лауреат на МТФ „Денови на комедија“

Сподели со своите пријатели

Актерот, писател, музичар и еден од најпрепознатливите македонски уметници, Игор Џамбазов, е годинашен добитник на престижната награда „Васил Иљоски“ за особен придонес во театарската уметност, која традиционално ја доделува Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово.

Одлуката ја донеле Фестивалот и Советот на фестивалот МТФ „Денови на комедија 2026“, кои истакнуваат дека признанието му се доделува за неговата исклучителна актерска дарба, препознатливиот хумор и повеќедеценискиот придонес во театарската и културната уметност.

– Неговата исклучителна актерска дарба, неповторливиот хумор и повеќедеценискиот придонес во театарската и културната уметност оставија неизбришлива трага кај публиката и заслужено го вбројуваат меѓу најголемите имиња на македонската комедија, соопштија организаторите.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Дрога и оружје пронајдени при претрес во Куманово

Свеченото врачување на наградата ќе се одржи на отворањето на фестивалот, на 23 септември 2026 година, во Големата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Наградата „Васил Иљоски“ е највисокото признание што го доделува фестивалот „Денови на комедија“ кој го организира Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово.

Таа го носи името на истакнатиот македонски драмски писател Васил Иљоски, еден од основоположниците на современата македонска драматургија, и се доделува на истакнати театарски уметници за нивниот траен придонес во развојот на театарската уметност, со особен акцент на комедијата.

Минатата година наградата „Васил Иљоски“ ѝ беше доделена на актерката Весна Петрушевска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  МРК Куманово ги започна подготовките за новата сезона со шест нови засилувања

Никола Ивановски